Tuesday, April 22, 2014

Песочна Жена

Сонце. Мексико. До мене во таксито седиш ти, а погледот ти бега некаде подалеку, еј дури таму до крајот на оваа водна површина пред нас. Го правиш тоа показно, за да го видам, за да ме боли, и ме боли но не ти покажувам...се фокусирам на неважности. Те прашувам ете, дали ти е нова кошулата. Дури сега ме погледнуваш и ти читам од очите дека те облева чувството дека не можеш мене да ме мразиш, па се мразиш себе си зошто е така. Оваа кокетност од моја страна ти годи, и знаеш дека од истата се губи глава, но си ја соблече кошулата и ми ја стави перниче да ми биде. Веќе сме на плажата, и нема жив човек...а и ние не знаеме дека сме таму, се движиме во едно пространство од твојата болка до мојата гордост и назад. Ах, колку ли само сакав да те гушнам и да се исплачам пред тебе во тој момент...колку ли само ми беше јасно дека те сакам...за прв пат јасно! И главата наместо на твојата нова кошула во песокот сакав да си ја закопам од срам. Се срамев дека те повредив, те навредив, те унижив...и тоа не беше несакајќи, а со намера-убиство со предумисла! Не можев тогаш да ти кажам колку само се плашев од твојата љубов. Како срцето ми застана кога ми покажа дека на десната дланка пет рани со нож си отвори, за да се казниш за мојата изглумена лутина. Правеше се за мене...опасни работи, скокаше во љубовта кон мене со салто морталес, главечки...не мислејќи дали од таа височина од која скокаш ќе те дочека бездна без моето меко перниче или ќе ги испружам рацете да те фатам...Јас не те фатив, те пуштив да паднеш, да се заринеш подлабоко и да ја научиш лекцијата дека не заслужувам јас некој да ме сака толку многу! Онаа кобна ноќ те понижив пред сите, како да не ми беше доволно сама да бидам сведок на своето предавство. Ех, Јуда низаеден....и песоков на оваа бескрајна плажа е премалку да ми го покрие срамот. Лежиме така ничкосани со саати...и никој не мрда...ни сонцето што не пече, и мушичките и мравките што не лазат не ни пречат особено...Ете, ми се слеваат солзи по лицето и се чувствувам рамно-како телото да ми се спои со песокот и со океанот. И ти не зборуваш ништо, ниту пак имаш појма дека овој камен до тебе толку страда за твојата болка. Не правиш ни напор да ме погледнеш, ниту пак да го чувствуваш моето присуство. Јас од време на време те погледнувам...но ликот ти е изменет, насмевката изгубена -не те познавам, се колнам! Затоа ли дојде со мене?  Затоа ли го сопре таксито и ги остави другарите на сред улица, да дојдеш со мене...за да ми покажеш дека ти веќе не си ти...да не те барам, да не го барам оној на кој лично јас личниот описот му го сменив со  она што го сторив. Сакаш да ми покажеш дека тебе веќе те нема и дека од сега ќе треба да ја гледам оваа лажна копија и да се прашувам дали некогаш навистина си постоел, и дали навистина имало човек кој толку многу љубов имал за мене. Не, не можам да го издржам ова повеќе и ти предлагам да се прошетаме. Се согласуваш...и на се би се согласил сега, затоа што тоа веќе не си ти, а некој друг на кој му е сеедно...некој кој веќе се изгубил, и нема што повеќе да бара, а наоѓа и да се надева. Чекориме газејќи ги брановите, јас замотана во крпа а ти заплеткан во своите мисли. Не зборуваме. Наеднаш ме грабнуваш со своите силни раце, ме дигаш во раце како мало дете и почнуваш да чекориш кон срцето на океанот. Не можам ништо да ти речам, ни немој, ни длабоко е, ни големи се брановите, ни ми е страв, пушти ме будало...не можам и не смеам. Од каде ми право да се штитам себе си кога ти незаштитен стоеше пред моите понижувања и издржа до крај...Чекориш бавно и предпазливо, а алги и лепливи ревки ти се заплеткуваат околу нозете...се заплеткуваат и околу моите, и не покриваат сосем...во овие алги нормален човек не влегува! Но чекориш ти бавно и тивко, и јас со тебе во твоите раце, молчелива и тивка...чекајќи ја својата казна. Да ме пуштиш ненадејно во алгите, да ме понижиш, да ме заплеткаш во нив и да ме гледаш како се мачам и давам...Да, тоа ќе ми го направиш сигурно!! Не знам колку долго ќе трае оваа агонија, кога наеднаш почнуваш да ме вртиш во круг....да правиш дервишки кругови од моето и твоето тело и да го повикуваш Космосот да ги отвори вратите на безвременоста за да влеземе ние во неа, и за навек таму да ме сакаш, таму да те сакам. Наеднаш ти се врати насмевката и се врати стариот ти, оној со срце олкаво само за мене! Ме гушкаш и ме вртиш во круг, така мило и заносно и косите ми се потопуваат во океанот и се плетат со алгите околу нас. Ох, Боже колку сум слепа, и колку многу те сакам, а не смеам! Речиси заспивам на твоите гради и чувствувам бескраен мир, и ми се чини дека не ние а океанот се врти околу нас....заспав тука, се одделив од телото. Кога се разбудив повторно веќе бевме на брегот, легнати на јазикот од океанот, брановите не покриваат кога се подолги, а пак кога се пократки ни ги скокоткаат нозете. Јас го проучувам составот на песокот и ти покажувам најситни камчиња, речиси невидливи, а секое поразлично од она до него. Резличноста ги дефинира, да беа слични немаше ниту едно да забележам...Различни како ти и јас, да бевме слични ќе се разминевме како пешаци трчајќи на црвено. Ти ги покажувам камчињата едно по едно. Но, се затворија портите на безвременоста и сега јас казнетата, сум назад во светот во кој ти не ми веруваш повеќе, ниту пак веруваш на нешто кое доаѓа од моите раце. Ме покриваш со истите тие преситни милиони зрнца, ги лепиш насекаде по моето лице, како да сакаш со нив да си соѕидаш нов човек, што ќе го сакаш како што ме сакаше мене, бидејќи секое соочување со мојот лик е поглед во огледалото на болката која ти ја зададов. А јас, стојам неподвижно, се поддавам, не се бранам, не се противам, и брзо станувам песочна жена...но поголеми бранови доаѓаат и секој бран задава нов удар кој го уништува твоето дело, и останува под него Оргиналот-оној истиот кој толку многу сакаш да го избришеш...